Култура на руралните заедници
Идејата на проектот Култура на руралните заедници е преку иновативен пристап кон културниот развој на руралните региони да се креираат предуслови во кои локалните уметници, организации, креативните поединци, граѓанските организации и локалните заедници ќе имплементираат и креираат културни програми и проекти. Истовремено тие ќе ги надградат сопствените капацитети, а се со цел да се овозможи побрз и одржлив културен и општествен развој на населението од селата на западен Балкан. Проектот во наредните 3 години ќе биде имплементиран во делови на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово и е во целост посветен на населението од руралните заедници на овие земји односно на нивните формални и неформални групи, локалните лидери, младите, локаните власти и НВО-а како и на сите останати заинтересирани страни кои сакаат да придонесат за забрзување на развојните процеси во сопствените заедници.
Проектот е произлезен од потребите на локалните заедници за забрзување на сопствениот развој како и
од нашите заложби за развој на локални културни политики кои се базираат на потребите и навиките на локалните заедници и се развиваат во интеракција со културната понуда. Иновативноста на овој пристап кон развојот на културата на руралните региони е во моделот на културниот функционализам креиран според потребите и можностите на локалните заедници што доведува до креирање на паралелни културни модели кои по своето значење, содржина и вредност се еднакви на моделите на елитната урбана култура. Ова всушност претставува децентрализација на културата и културен развој воден од потребите, можностите и навиките на заедниците и се карактеризира со широка партиципација во процесите на креирање, одлучување и имплементација на културните соржини, а резултира со интерсекторско поврзување и развој на локалните капацитети на руралните заедници.
Врз основа на овој пристап стратегијата на проектот развива две форми на акции – Директни културни активности во селата кои го анимираат локалното население, кои пак се проследени со структуирани активности кои ги поддржуваат и формулираат локалните културни процеси и ги развиваат локалните развојни капацитети. Главни активности кои се предвидени во рамките на проектот се:
Активности на Социо-Културна анимација односно: Патувачки селски кина, театарски претстави, изложби, литературни читања, концерти и други активности наменети за збогатување на културниот живот на локалните заедници.
Активности за развој на локалните капацитети: Во прв ред тука спаѓа поддршката на локалните културни иницијативи иницирани од локалните заедници како и активностите за развој на локалните креативни потенцијали ( театарски работилници), и активностите насочени кон внатрешниот развој на локалните капацитети.
Регионално вмрежување – Идејата на овие активности да се зајакне соработката меѓу заедниците во рамките на различни региони, но и да се отворат нови хоризонти за прекугранична соработка преку културата кои би довеле до размена на искуства и идеји на различните заедници од регионот на Западен Балкан.
Активности на промоција – Целта на овие активности е да се подигне интересот за културниот развој на руралните региони како и да се промовира проектот и неговите достигнувања.

Главна цел на проектот е анимација на културниот живот и давање активен придонес на културниот, општествениот и севкупниот развој на руралните региони. Специфични цели на проектот се:
Креирање културни содржини во над 50 села од регионот
- Развој на локалните капацитети на повеќе од 20 села во регонот
- Креирање ефективен пристап кон прашањата на културниот и општествениот развој на руралните региони како и развивање на нивните капацитети и способности за понатамошен независен културен развој
- Подигнување на интересот за прашањата кои го засегаат населението од руралните заедници
Проектот е предвиден да трае најмалку 3 години и опфаќа над 50.000 жители во четирите земји.
Култура на руралните заедници е проект на Центарот за современи уметности – Скопје, во рамките на програмата за рурален развој во соработка со Фондација Мозаик-Босна, Академија за тренинг и техничка помош – Косово и во соработка со Прохелвеција - Швајцарска програма за култура за западен Балкан.








